Специјалците на американската армија вчера извршија две операции против исламистички терористи, при што е уапсен првиот човек на Ал Каеда во Либија и убиен лидерот на „Ал Шабаб“ во Сомалија.
Во акцијата во Либија, во главниот град Триполи, американските специјалци го заробиле Абу Анас ал Либи, осомничен терорист на Ал Каеда кого САД го сомничат за организирање на нападите врз амбасадите во Кенија и Танзанија во 1998 година, во кои над 220 лица беа убиени, а неколку илјади ранети.
САД имаа распишано потерница по Ал Либи од 2000 година, и дури нудеа пет милиони долари награда за информации каде се крие.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, САД не откриваат многу детали за неговото апсење, освен што велат дека Ал Либи е фатен жив, без отпор, и дека веќе не е во Либија.
Истовремено во Триполи избила голема престрелка меѓу либиската армија и вооружена група во која биле убиени дури 15 либиски војници, но се претпоставува дека ова не било поврзано со апсењето на Ал Либи.
Не е познато ниту дали и колку либиските власти биле информирани за американската операција.
Во Сомалија, пак, американските специјалци од морнаричката единица „Фоки“ ликвидирале командант на исламистичката група Ал Шабаб, која пред две недели изврши напад врз трговски центар во градот Најроби во Кенија, убивајќи над 70 цивили и кенијски војници.
Морнаричкиот тим го нападнал градот Бараве во Сомалија, место познато како главна база на странските исламисти кои дејствуваат во Сомалија, каде водачот на Ал Шабаб престојувал во вила на брегот на Индискиот Океан.
Американските власти соопштија дека специјалците го ликвидирале терористот, но морале да се повлечат пред да можат да го потврдат ликвидирањето.
Целиот напад траел повеќе од еден час, при што Американците се истовариле и се повлекле со помош на хеликоптери.
Двете акции, во Сомалија и во Либија, биле извршени паралелно, од страв дека веста за едната операција може да ја оневозможи другата.