Полицијата уапсила маж и жена од Канада, поради сомневање за обид за терористички напад врз зградата на Парламентот во Викторија, на денот на одбележувањето на националниот празник Денот на Канада, соопшти канадската полиција.
Заменик-командантот на Канадската кралска коњаничка полиција Џејмс Малициа изјави дека Џон Стјуарт Нутал (38) и Аманада Мери Мороди (28) се уапсени вчера и оти се осомничени за заговор, планирање на терористички акт и поради експлозивни направи.
Малициа изјави дека заговорот бил инспириран од идеологијата на Ал Каеда, но го нарече „домашна закана“ без меѓународна вмешаност во планираното активирање на три бомби пред зградата на провинцискиот Парламентот на Британска Колумбија на 1 јули на денот на одбележувањето на Денот на Канада.
Полицијата соопшти дека мажот и жената биле следени од фебруари, откако им станале сомнителни на канадските разузнавачи.
Полициските власти на Британска Колумбија, една од десетте канадки провинции, која излегува на Пацификот и се граничи со САД, нагласија дека експлозивните направи, кои ги користеле не претставуваат закана за јавната безбедност.