Осомничен сериски убиец за кого се верува дека убил најмалку тројца бездомници во Барселона е задржан во притвор, обвинет дека шетал по пустите улици на градот во време на режим на ограничено движење во Шпанија во потрага по немоќни жртви, пренесува РТ.
Осомничениот 35-годишен Бразилец бил уапсен во вторникот на периферијата на Барселона, само неколку часа откако уште една жртва им подлегнала на повредите здобиени во насилничкото претепување. Тој бил идентификуван со помош на сведоци и снимки од безбедносните камери.
„Одделението за криминалистички истраги (ДИЦ) од регионот на метрополитенската полиција на Барселона уапси маж поврзан со смртта на еден човек во округот Ејксампл во Барселона и ја истражува неговата оврзаност со другите убиства што се случија последниве недели “, се вели во соопштението на полицијата.
Сите убиства се случиле околу истата област, недалеку од живописната базилика Саграда Фамилија, главното обележје на градот.
Сите три убиства се случија во период од две седмици, а полицијата забележа шема при убиствата: сите жртви се бездомници и биле претепани до смрт со тап предмет. Полицијата, исто така, го разгледува случајот на четврта жртва, која била избодена до смрт, но за оваа жртва се верува дека е поврзана со тепачка со друг бездомник, јавуваат локалните медиуми.
„Начинот на кој се однесувало ова лице не им оставило на жртвите никаква можност да се одбранат. Насилството е прекумерно и без никаква причина “, вели Јоан Карлес Гранџа, кој ја води истрагата за убиствата.
Гранџа истакна дека осомничениот зборувал малку неповрзано по неговото апсење и дека полицијата не исклучила ментален проблем кај него, а сè уште не е утврден ниту мотивот за убиствата.