Бразилскиот милијардер Џосли Батиста кој го обвини претседателот Мишел Темер за корупција и барање и примање поткуп, денеска е уапсен во Сао Паоло. Тој е обвинет за криење на докази и за попречување на истрагата.
Батиста направил спогодба со бразилското Обвинителство, да ја открие целата корупциска шема во замена за поблаг третман кон него при расветлување на скандалот.
При една посета во кабинетот на Темер, милијардерот отишол опремен со техника за снимање и тајно го снимил разговорот.
Подоцна, дел од снимката му ја предаде на бразилскиот весник „Глобо“ кој го обвини Темер за корупција. Снимката е од слаб квалитет, но Обвинителство отвори истрага откако Батиста тврдеше дека му дал поткуп на актуелниот претседател.
Темер, кој на функцијата дојде откако по постапката за импичмент, беше сменета од функцијата претседателката Дилма Русеф, категорично ги отфрлаше сите обвинувања како политички мотивирани.
Обвинителството, сепак, се согласи на спогодба со Батиста, сопственик на најголемата фабрика во светот за пакувано месо ЏБС, затоа што тој признал дека во изминатите години има поткупено околу 1.900 бразилски политичари и ветил дека ќе им ги предаде сите снимени ленти и докази со кои располага.
Кабинетот на Темер соопшти дека Батиста е „обичен бандит“, па дека затоа не може тој да биде „крунскиот сведок“ во истрагата.
Пресврт во случајот настана, откако неговите адвокати, по грешка, им испратиле на обвинителите, снимена лента која тешко го обвинува Батиста.
Лената се појави во бразилските медиуми и на неа се слуша како милијардерот му признава на еден свој поранешен директор дека од обвинителството ги сокрил сите најважни докази и документи.
Тој и директорот се уапсени, па Батиста, наместо да биде повластен сведок, ќе се соочи со судење за корупцја и за криење докази.
Мишел Темер минатиот месец се соочи со гласање за покренување постапка на импичмент, но го преживеа гласањето затоа што неговата владеачка коалиција има мнозинство во бразилскиот Конгрес.