По Фејсбук, и социјалната мрежа Твитер објави колку постови биле финансирани од страна на руската телевизија РТ во време на американската предизборна кампања во 2016 година.
Твитер информираше дека вкупно 1.823 коментари од трите профили на РТ биле спонзорирани во текот на предизборната кампања.
РТ, подобро позната како Раша Тудеј, одговори дека се работи за најнормална пракса на медиуми да го спонзорираат објавувањето на свои текстови и прилози преку социјалните мрежи како што се Фејсбук и Твитер.
Американската Демократска партија инсистира дека причината за поразот на нивната кандидатка Хилари Клинтон на изборите било мешањето на руските медиуми со објавување на вести во кои ја критикувале Клинтон.
– Според нашите информации, РТ потрошила 274.100 долари на рекламирање во 2016 година. Корисничките профили на телевизијата, РТ Америка и РТ на шпански јазик промовираа 1.823 твитови кои со сигурност или веројатно биле наменети за американскиот пазар, соопшти компанијата Твитер, во рамки на истрагата која ја врши американскиот Конгрес за руското влијание врз изборите. Твитер информираше дека суспендирал околу 200 корисници кои биле поврзани со Русија затоа што ги прекршиле правилата на социјалната мрежа за влијаење врз избори.
– Твитер испрати шокантна информација до Конгресот – дека сме трошле пари за своите рекламни кампањи, иронично одговори Маргарита Симонјан од руската телевизија РТ, додавајќи дека „сите нормални медиумски организации во светот го прават истото. Нашите реклами се вртат и на Си-Ен-Ен. Не е за верување дека во една развиена демократија обична медиумска реклама може да се сфати како сомнителна активност”.