Извор од воените сили на Турција, наведе дека генералштабот на турската војска развил планови за можни антитерористички операции во регионот.
Плановите предвидуваат решителен отпор при напади на борците од Курдската работничка партија (ПКК), како и од сириските курдски Сили за заштита на народот во Сирија и Ирак.
Изворот ја навел изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, што тој ја даде на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
– Доколку курдските Сили за заштита на народот се обидат да ја нападнат Турција, Анкара ќе го искористи своето право за самоодбрана, без да се консултира со трети земји, изјави Ердоган на 16 мај.
Турските медиуми јавија дека се завршени подготовките во воените бази, кои се планира да се користат во рамките на плановите на генералштабот на турската војска.
Во магацините се складирани оружје и муниција, а во пограничните области е распоредена дополнителна воена техника.
Турските разузнавачки служби организирале деноноќно набљудување на териториите што се под контрола на курдски борци во Ирак и Сирија.