Турција испрати на границата со Сирија дополнителен број на експерти обучени за идентификување и деконтаминирање на жртвите од хемиско оружје по наводниот напад со хемиски гас на 21 август во близина на Дамаск, кој би можел да биде причина за воена интервенција од страна на западните земји.
– Значително ги зајакнавме мерките од минатата недела за да бидеме подготвени, посебно во случај на хемиски напад, изјави портпаролот на Директоратот за вонредни ситуации Мустафа Ајдогду.
Тој објасни дека експертите се распоредени во пограничните градови Килис, Хатај и Санлиурфа, каде се наоѓаат кампови со околу половина милион сириски бегалци.
Ајдогду нагласи и дека бројот на бегалците кои пристигнуваат во Турција преку преминот Чилвегозу, во близина на сирискиот град Алепо, во изминативе денови значително се зголемил, додавајќи дека сите тие биле подложни на тестирања за присуство на хемиски материи.
– Слушнавме дека е употребен фосфор, но не можам да потврдам дали луѓето кои биле изложени на хемискиот напад преминале во Турција, истакна Ајдогду.