Американскиот Секретаријат за земјоделство ја објави најновата пресметка, според која, во САД се потребни 241.080 долари за да се одгледа дете до 18 годишна возраст, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Трошоците, кои бележат пораст од три проценти во однос на претходната година, се однесуваат за дете од средната класа и во неа не се вклучени трошоците потребни за високо образование.
Секретаријатот за земјоделство во оваа пресметка ги вброи трошоците за домување, храна, превоз, облека, здравство, основно и средно образование, како и други дополнителни трошоци, како играчки.
За здравственото осигурување, од раѓањето до 18 годишна возраст се пресметани околу 20.000 долари, зависно која е имотната категорија на семејството, од што зависи и дали плаќаат полна цена за осигурувањето или добиваат државни бенефиции.
Образованието, а особено претшколското образование е значително поскапо, и се движи од 4.600 до 15.000 долари годишно за осум часа грижа во работните денови и тоа зависно во кој дел од САД живее семејството.
Месечните трошоци за храна за четиричлено семејство, според Секретаријатот исто така варираат. Телевизијата Си-Ен-Ен вели дека порастот на цената на храната е значителен, цитирајќи татко од четиричлено семејство кој вели дека месечните трошоци пораснале од 500 на 800 долари во рок од неколку години.