Бројот на жртви од пожарите во Шпанија се искачи на три, откако почина волонтер кој претрпе тешки изгореници додека помагаше во гаснењето пожар во покраината Замора, објави претседателот на регионот Кастиља и Леон, Алфонсо Фернандез Мануеко, според „Ел Паис“.
Најкритична ситуација е моментално во Екстремадура, каде што пожарот во општината Хариља се шири неконтролирано веќе три дена, зафаќајќи околу 4.600 хектари, што доведе до евакуација на неколку населби, вклучувајќи ги Хариља, Кабезабелоза, Виљар де Пласенсија, додека Олива де Пласенсија беше целосно блокирана преку ноќ.
Две куќи изгореа, а Цивилната гарда спроведе присилни евакуации за да ги заштити жителите од непосредна опасност.
Поради силни ветрови и суви бури, дел од автопатот А-66 беше затворен, што дополнително ги комплицира евакуациите.
Вкупно 321 пожарникар и 12 авиони, вклучувајќи единици од Андалузија, Кастиља-Ла Манча и Мадрид, беа распоредени за да се обидат да го изгаснат пожарот, кој се протега на 48 километри.
Во меѓувреме, во регионот Оренсе, пожарите предизвикаа прекин на железничките линии меѓу Мадрид и Галиција, кои беа рестартирани утрово, но беа прекинати по помалку од два часа.
Железничката компанија Ренфе објави дека возовите ќе бидат задржани на станиците додека не се воспостават безбедни услови за сообраќај.
Во Тереза де Кофрентес, Валенсија, пожар предизвикан од удар од гром доведе до евакуација на неколку делови од градот и регионот Ајора.
Помеѓу 170 и 180 членови на Воената единица за итни случаи и пожарникари се фокусирани на две нови жаришта откриени од беспилотни летала.
На местото на настанот се распоредени до осум авиони, вклучувајќи и помош од Арагон, а се очекува температурите да се зголемат во текот на денот.
Вкупно 14 патишта се затворени во регионите Касерес, Замора, Леон, Паленсија и Уелва, а најавена е помош од Брисел во форма на два авиони-цистерни на ЕУ, потврди министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка.