Филипинските безбедносни сили од денеска се на висок степен на тревога поради сомнеж дека милитантната исламска група Џемаах Исламија, најрадикалното крило на Абу Сајаф, на југот на Филипините подготвува бомбашки напади во четири големи градови на југот на архипелагот.
Филипинските разузнавачи имаат информации дека во знак на одмазда поради апсењето на сопругата на водачот на Џемаах Исламија Абдул Усман, како и двете жртви од неговата група во пресметката со филипинската армија минатата недела, муслиманските радикали, познати до сега по спектакуларни киднапирања, испланирале одмазда.
Според филипински сознанија, муслиманските радикали подготвуваат повеќе напади со автомобили – бомби во градовите Давао, Котабато, Кобајан де Оро и Илиган.
Од страна на американскиот Стејт Департмент Абдул Усман е на листата на барани терористи, за чие приведување се нудат милион долари.