Трет ден жестоки судири во Франција, земјата е пред вонредна состојба

Од:

Во Париз трета ноќ по ред продолжија жестоките судири меѓу полицијата и демонстрантите, при што беа уапсени над 660 лица. Повредени се 249 полицајци.

Продавници се ограбени, а запалени се автомобили и покрај силното полициско присуство. Франција распореди 40.000 полицајци низ целата земја, но тоа не го спречи избувнувањето на насилството.

Немирите започнаа во вторникот, откако полицаец застрела и уби 17-годишно момче од алжирско-мароканско потекло, Нахел М, кое се обиде да се оддалечи кога беше запрен од полицијата.

Полицаецот кој пукал во Нахел му се извини на семејството. Тој е обвинет за убиство, а неговиот адвокат тврди дека е „уништен“.

Француската премиерка Елизабет Борн ги опиша синоќешните настани во Франција како „неподносливи и непростливи“ по состанокот со министрите утринава.

Таа се огласи на Твитер за да ја повтори својата поддршка за полицијата и другите служби за итни случаи кои „храбро“ работат додека немирите продолжуваат.

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го свика својот кабинет на вториот кризен состанок за два дена, откако избија масовни немири низ земјата. Средбата ќе се одржи во време кога десничарските и крајнодесничарските политичари бараат прогласување вонредна состојба.

Вонредната состојба им дава посебни овластувања на властите кога се смета дека институциите во земјата се „под закана“. Ова и овозможува на владата да воведе полициски час, да забрани собири и јавни настани.

Размерите на уништување забележани ширум Франција утринава веројатно ќе ги поттикнат повиците за вонредна состојба. Потпретседателот на Сенатот Роџер Каручи веќе објави на Твитер дека непрогласувањето вонредна состојба би било „грешка“.

Но, француската влада можеби е претпазлива од чекорот без преседан. Вонредна состојба беше прогласена од претседателот Жак Ширак за време на немирите во предградијата во 2005 година. Тогаш оваа мерка беше објавена за прв пат по 50 години.

Десет години подоцна, француската влада прогласи вонредна состојба по терористичките напади во Париз во 2015 година. Мерката траеше две години. Вчера неколку владини министри изјавија дека не се размислува за вонредна состојба.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Пријател на убиеното момче откри што се случувало: Полицаецот му држеше пиштол на главата

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Французин смирено јаде сендвич среде конфликтот меѓу демонстрантите и полицијата

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Анархија на улиците низ Франција: Ловечки пушки стигнаа до рацете на демонстрантите

(ВИДЕО) Насилни протести во Париз: Искршени излози, запалени барикади

ВИДЕО: Пендреци, клоци, боксови-судир на полицијата и демонстрантите во Париз

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Насилни протести во Париз, полицијата растеруваше со солзавец