Нема повеќе нафта да тече кон Куба од Венецуела, објави денес американскиот претседател Доналд Трамп, повикувајќи ги кубанските власти да постигнат договор со САД што е можно поскоро, „пред да биде предоцна“.
– Куба со години живееше од огромни количини нафта и пари од Венецуела. За возврат, Куба им обезбедуваше „безбедносни услуги“ на последните двајца венецуелски диктатори, но не повеќе, напиша Трамп на својот профил на Твитер.
Според него, повеќето Кубанци кои му обезбедуваа безбедносни услуги на венецуелскиот претседател Николас Мадуро беа убиени во рација на американските сили минатата недела кога Мадуро беше уапсен.
„Венецуела сега ги има САД, убедливо најмоќната војска во светот, да ги заштити, а ние ќе ги заштитиме. Нема да има повеќе нафта ниту пари за Куба – ништо! Силно препорачувам да постигнат договор пред да биде предоцна“, напиша Трамп.
Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) претходно изјави дека економската и политичката ситуација во Куба е сериозна, но дека тоа не го одразува тврдењето на Трамп дека земјата е „близу до колапс“ по воената акција во Венецуела.
ЦИА вели дека клучните сектори на кубанската економија, како што се земјоделството и туризмот, страдаат од чести прекини на електричната енергија, санкции и други проблеми.
Губењето на нафтата и другата поддршка од Венецуела, долгогодишен сојузник, би можело дополнително да го комплицира управувањето со земјата. Сепак, неодамнешните проценки не дадоа јасна проценка дали влошената економска состојба би можела да ја дестабилизира владата во Хавана. Експертите проценуваат дека последиците од намалените испораки на нафта од Венецуела за Куба ќе бидат сериозни, иако економијата на земјата страда со децении поради државното планирање и ембаргото на САД.
Според извештаите на ЦИА, прекините на електричната енергија траат до 20 часа на ден надвор од Хавана, што претходно не беше случај.
Демографските податоци, исто така, покажуваат пад на населението под девет милиони, додека голем број млади луѓе ја напуштаат земјата.
