Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека „нешто ќе се случи“ во Украина наскоро, но дека рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски сè уште не се подготвени за тоа.
Тој рече дека е „реалистичен и оптимист“ за постигнување мир во Украина, додавајќи дека внимателно ги следи активностите што ги преземаат Путин и Зеленски.
– Го следев тоа, го видов и разговарав за тоа со претседателот Путин и претседателот Зеленски. Нешто ќе се случи, но тие сè уште не се подготвени. Но, нешто ќе се случи. Ќе го направиме тоа – рече тој во телефонско интервју за Си-Би-Ес.
Зборувајќи за неодамнешниот напад на Русија врз Украина, во кој беа убиени 15 лица, Трамп рече дека е незадоволен од ситуацијата, но дека ќе продолжи да се залага за мировен договор.
Трамп истакна дека мислел дека сè ќе се среди, но дека се покажало дека преговорите со Русија не биле едноставни.
– Искрено, мислев дека оној со Русија ќе биде полесен од оние што ги запрев, но се чини дека е нешто што е малку потешко – рече Трамп.
Американскиот претседател рече дека неговиот пристап кон многу дипломатски преговори, без разлика дали со Русија и Украина или со други завојувани земји, е да ги собере клучните лидери во една просторија и САД да посредуваат во договор во реално време, честопати со негово водство, без да се отпише никаква можност.
Тој пристап, рече тој, бара трпение, дури и кога се бара брзо решение, но верува дека се исплатило во други мировни договори оваа година.
Тој додаде дека ја гледал воената парада во Пекинг, на која присуствувале Путин, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и кинескиот претседател Си Џинпинг.
– Ја разбирам причината зошто го направиле тоа и се надевале дека ќе набљудувам, и набљудував. Мојот однос со сите нив е многу добар. Ќе откриеме колку е добар во следната недела или две“, додаде Трамп.