Американскиот претседател Доналд Трамп ја бранеше својата одлука да ги повлече американските трупи од североисточна Сирија, нарекувајќи ја „стратешки брилијантна“ и го намали значењето на сојузот со тамошните Курди, за кои рече дека „не се ангели“.
– Тоа не е наш проблем, рече Трамп во момент кога потпретседателот Мајк Пенс и државниот секретар Мајк Помпео се подготвуваат во Анкара да преговараат за прекин на огнот за да се избегне хуманитарна криза на сириско-турската граница, Ју-Ес-Еј Тудеј.
Трамп во своите изјави во текот на вчерашниот ден ги отфрли растечките критики и од Конгресот и од сојузниците, и ги доведе во прашање Курдите кои заедно со американските трупи се бореа против таканаречената Исламска држава.
На заедничка прес-конференција со италијанскиот претседател Серџо Матарела, Трамп го поздрави влегувањето на руските трупи во делови од Сирија, кои претходно беа под контрола на американските единици за специјални операции.
– Искрено, ако Русија сака да им помогне на Курдите, тоа е добра работа, рече Трамп.
Ју-Ес-Еј Тудеј потсетува дека Трамп минатата недела се обиде да го минимизира значењето на американско-курдскиот сојуз велејќи дека Курдите не им помогнале на сојузниците за време на Втората светска војна.
Трамп рече дека дел од курдскиот народ, припадниците на Курдската работничка партија која се бори за независна држава, претставуваат „поголема терористичка закана“ од Исламска држава.
САД, како и Турција, ја сметаат организацијата за терористичка, американските трупи се здружија со она што Анкара го опишува како остатоци од таа група, Единици за народна заштита, за да се борат ИД во Сирија.
– Тие таму имаат многу песок за да си играат, рече Трамп.