Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес ги отфрли медиумските извештаи дека претседателот на Здружениот генералштаб на американските вооружени сили, генерал Даниел Кејн, е против можен воен напад врз Иран.
Тој рече дека ваквите тврдења се „100 проценти лажни“ и дека конечната одлука за ова прашање е исклучиво на него.
Трамп на својата социјална мрежа TruthSocial изјави дека „лажните медиуми“ објавиле неколку статии во кои се тврди дека генералот Даниел Кејн, познат и како Разин, е против војна со Иран, нагласувајќи дека овие информации не се засновани на изјави од релевантни извори.
„Генералот Кејн, како и сите ние, не сака војна, но ако се донесе одлука за преземање воена акција против Иран, според негово мислење, тоа би била лесна операција за победа“, рече Трамп.
Според него, Кејн добро го познава Иран бидејќи бил задолжен за операцијата „Полноќен чекан“, која ја опиша како напад врз иранската нуклеарна програма.
Трамп нагласи дека Кејн „не се изјаснил против дејствувањето против Иран“, ниту за, како што изјави, „лажните“ ограничени напади“ за кои се шпекулираше во медиумите, туку дека тој „знае само како да победи“ и дека, доколку добие наредба, тој ќе ја предводи операцијата.
„Јас сум тој што ја донесува одлуката. Би претпочитал договор, но ако нема договор, тоа ќе биде многу лош ден за таа земја (Иран) и, за жал, за нејзиниот народ“, рече Трамп, оценувајќи дека иранскиот народ е „одличен и прекрасен“ и дека не требало да биде ставен во таква ситуација.
