Претседателот на САД – Доналд Трамп поднесе тужба против „Волстрит џурнал“ и неговиот сопственик Руперт Мердок, барајќи отштета до 10 милијарди долари, поради текстот за наводната честитка за роденден што американскиот претседател му ја испратил на покојниот финансиер и сексуален престапник, Џефри Епштајн.
Трамп тврди дека наводите во статијата на „Волстрит џурнал“ се лажни.
Имено, „Волстрит џурнал“ минатата недела објави статија во која тврди дека името на Трамп се појавува на „непристојна“ честитка за роденден што тој наводно му ја испратил на Епштајн во 2003 година, по повод неговиот 50-ти роденден. Ова е период кога Епштајн сè уште не бил обвинет за сексуални злосторства.
Според весникот, честитката содржела неколку реда отчукан текст врамен со контура на гола жена, за која се вели дека е нацртана рачно со дебел маркер.
Во таа контура, како што пишува „Волстрит џурнал“, а како што објавува „Би-Би-Си“, стоеше порака стилизирана како замислен разговор меѓу Трамп и Епштајн, напишана во трето лице.
Наводно, честитката завршувала со реченицата: „Пријателот е прекрасно нешто. Среќен роденден – и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“.
На сето ова, Трамп реагираше остро, велејќи дека весникот и неговиот сопственик Руперт Мердок биле однапред предупредени да не ја објавуваат приказната, за која тој вели дека е „лажна, злонамерна и клеветничка“, додавајќи дека тие јасно ги предупредиле дека ќе бидат тужени ако го сторат тоа.
„Ова не се мои зборови, ниту пак така зборувам и пишувам. Исто така, не цртам слики“, изјави Трамп.
Во посебен пост, Трамп напиша и:
„Ако имало „неоспорни докази“ против Епштајн, зошто демократите, кои ги контролирале „досиејата“ четири години, не ги искористиле? Затоа што немале никакви!“