Поранешниот романски претседател Трајан Басеску денеска на Конгрес едногласно е избран за претседател на партијата на десниот центар Народно движење, јавија романските медиуми.
Конгресот едногласно ја изгласа предлог програмата наречена „Моја Романија“ на Трајан Басеску, со што тој на овој начин стана лидер на партијата.
Предлог програмата „Моја Романија“ стана програма на партијата Народно движење.
-Ве уверувам дека имам енергија и желба да ги продолжиме процесите на модернизација на Романија, изјави 63-годишниит Басеску и сите истомисленици ги повика „да му се приклучат на Народно движење“.
Трајан Басеску беше романски претседател во два мандата – од 2004 до 2014 година. Неодамна тој изјави дека „целата своја надеж и енергија“ ги вложува во успехот на партијата Народно движење како силна опозициска партија.
На претседателските избори кон крајот на 2014 година Басеску немаше право да се кандидира за нов мандат.
Тој не крие дека се уште има политички амбиции, а романските медиуми постојано се обидуваат да погодат какви му се точни политичките намери. Следната година во земјата треба да се оддржат локални и парламентарни избори.