Кинеските државни хакери со години имале пристап до мобилните телефони на високи британски владини претставници на Даунинг стрит, открива британскиот весник „Телеграф“.
Според достапните информации, операцијата за шпионирање сериозно ја загрозила безбедноста на британската влада, дозволувајќи му на Пекинг да ги гледа приватните комуникации на високи владини претставници.
Според весникот, целите на нападот биле блиски соработници на поранешните премиери Борис Џонсон, Лиз Трас и Риши Сунак во периодот од 2021 до 2024 година. Иако не е потврдено дека телефоните на самите премиери биле компромитирани, извор запознаен со истрагата изјавил дека упадот влегол „директно во срцето на Даунинг стрит“.
Американски разузнавачки извори објавија дека кинеската операција за сајбер-шпионажа, позната како „Солт Тајфун“, е сè уште активна, што отвора можност британскиот премиер Кир Стармер и неговите најблиски соработници да биле изложени на прислушување.
Откривањето на аферата доаѓа во чувствително време, пред најавената посета на Стармер на Кина – прва на британски премиер од 2018 година – насочена кон зајакнување на трговските и инвестициските врски. Посетата следува по одлуката на британската влада да одобри изградба на голема кинеска амбасада во Лондон, во близина на клучни комуникациски кабли.
Според безбедносни извори, кинеските хакери можеле да читаат пораки, да прислушкуваат телефонски разговори или дури и да собираат метаподатоци – информации за тоа кој со кого комуницирал, колку често и од која локација.
Поранешната заменик-советничка за национална безбедност на САД, Ан Њубергер, изјави дека хакерите имале можност да „снимаат телефонски разговори по желба“.
Нападите на Даунинг стрит беа дел од поширока глобална шпионска операција насочена против Соединетите Американски Држави, како и други членови на разузнавачката алијанса „Пет очи“ – Австралија, Канада и Нов Зеланд. Иако упадите започнаа уште во 2021 година, разузнавачките служби не ги открија сè до 2024 година.
Министерството за надворешни работи на Кина претходно ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „неосновани“ и „без докази“.
Британските претставници тврдат дека домашните телекомуникациски мрежи се подобро заштитени од американските, благодарение на Законот за безбедност на телекомуникациите од 2021 година. Сепак, висок американски претставник оцени дека станува збор за „една од најуспешните шпионски кампањи во историјата“.