Чешката државна телевизија (ЧТ) го казни со отказ техничарот, кој по завршувањето на претседателските избори пуштил во јавност интерна снимка со новоизбраниот претседател Милош Земан, јави дописникот на МИА од Прага.
Во видеото се гледа како Земан при влегувањето во просториите на националната телевизија не забележува дека има скали, се сопнува и паѓа врз една фотелја во близина. Потоа од генералниот директор на ЧТ Петр Дворжак, бара пепелник вадејќи цигара. Чешката телевизија, објаснувајќи дека се работи за таканаречени груби материјали, кои не биле за објавување во таква форма, веднаш по објавувањето на настанот соопшти дека води интерна истрага преземајќи мерки во иднина тоа да не се повтори.
Идниот чешки претседател Милош Земан, кој функцијата ќе ја преземе на 8. март, во неколку други прилики го спомена случајот критикувајќи го својот домаќин дека не му покажал дека има скали. Тој им забележа и на своите телохранители кои својата должност за заштита на првиот човек на државата ја преземаа веднаш по објавувањето на официјалните изборни резултати.
Целиот случај е сличен на оној од 2009 година, кога Чешката телевизија објави снимки каде претседателот Вацлав Клаус „вежба“ за новогодишниот говор. Претседателската канцеларија тогаш реагираше дека снимките биле техничка проба и ја искритикува телевизијата за објавувањето.