Американските трупи ја напуштија својата база во областа на воениот аеродром во провинцијата Кандахар, каде беа распоредени најголем број припадници на американските и НАТО силите во Авганистан, пишува американското воено списание „Старс енд Страјпс“, повикувајќи се на свои извори.
Повлекувањето, според весникот, е спроведено без никакви формалности или проштални церемонии и било толку брзо и тајно, што на авганистанските власти, на кои базата им била официјално префрлена, им било тешко да го утврдат точниот датум на нејзиното предавање.
– Предавањето на аеродромот во Кандахар беше координирано со претставници на авганистанската Влада и нашите авганистански партнери во 205-от корпус, изјави за весникот полковник Сони Легет, портпарол на американската воена коалиција и други земји на НАТО во Авганистан.
Според претставник на 205-от корпус, повлекувањето на Американците било целосно изненадување за Авганистанците и е извршено „или во вторникот навечер или во среда наутро“ без никаква координација со локалните власти.
– Тие заминаа ноќе и во моментов нема повеќе американски трупи во Кандахар, изјави за весникот воениот командант на аеродромот, генерал Фарик Квовахи. Тој не прецизираше за која ноќ станува збор.
Анонимен официјален американски воен претставник истакна за „Старс енд Страјпс“ дека „уште еден или два дена“ ќе има сили од коалицијата за решавање на безбедносните прашања. Во екот на војната во оваа база во Авганистан беа стационирани околу 30.000 војници.
На 14 април 2021 година, американскиот претседател Џо Бајден ги објави плановите за повлекување на американските трупи од Авганистан во периодот од мај до 11 септември 2021 година. Претходната администрација предводена од Доналд Трамп потпиша мировен договор со талибанците во февруари 2020 година во Доха, според кој Вашингтон вети дека ќе ги повлече своите трупи, како и оние на своите сојузници, до 1 мај 2021 година. Ова отстапување од постигнатите договори предизвика жестоко незадоволство кај талибанците.