Тајна љубовна афера е откриена во Кабинетот на британскиот премиер во Даунинг стрит 10, но засега не се открива идентитетот на „двете средновечни лица вмешани во аферата“.
Претставник на Кабинетот одби денеска да ги коментира написите во британските медиуми, објаснувајќи кусо дека „тоа не е работа за која ќе зборуваме“, освен што е потврдено дека во љубовната афера не е вмешан никој од владиниот состав.
Весниците во Лондон пишуваат дека од правни причини не можат да го откријат идентитетот на двете лица, иако на социјалните мрежи има неколку претпоставки за тоа кои се љубовниците.
Според медиумите, по откривањето на аферата Кабинетот на Камерон одржал вонреден состанок, анализирајќи ги опасностите што и се закануваат на Владата од откривањето на деталите за аферата и од идентитетот на луѓето. Камерон разговарал и со своите советници за целиот случај, затоа што верува дека тоа ќе му нанесе штета и на премерот кој е веќе погоден од неколку разни афери, што се случија изминатите месеци и недели.
Засега само е откриено дека љубовната афера е завршена, односно двете лица не се повеќе заедно. Даунинг стрит 10 ги отфрла тврдењата за криза во владиниот Кабинет, но признава дека сите биле шокирани од она што го дознале.
– Никој од нас не можеше да верува во она што слушнавме, изјави за „Дејли Меил“ анонимен функционер во Даунинг стрит 10.
Весникот оценува дека оваа љубовна афера е еднаква на скандалот што настана по откривањето на тајната врска меѓу поранешниот британски премиер Џон Мејџор и тогашната министерка за образование Едвина Кари. За аферата Британците дознаа 20 години подоцна, откако Кари објави книга со мемоари, обелоденувајќи ја својата тајна љубовна врска додека двајцата биле министри во Владата на Маргарет Тачер.