Русија и САД разговараа за израелската окупација на Западниот Брег како модел за завршување на војната во Украина, објавува британскиот весник „Тајмс“, повикувајќи се на извори.
Според ова сценарио, Русија би имала воена и економска контрола врз окупираните делови од Украина преку сопственото управно тело, имитирајќи го фактичкото владеење на Израел врз палестинските територии заземени од Јордан во 1967 година, објавува весникот.
Според извор близок до Советот за национална безбедност на САД, идејата била покрената пред неколку недели за време на разговорите меѓу претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и неговите руски колеги во Москва.
Виткоф, кој исто така е задолжен од Трамп да посредува во мирот на Блискиот Исток, се вели дека ја поддржува идејата, за која Американците веруваат дека ги заобиколува пречките во украинскиот Устав што забрануваат отстапување на територија без одржување „панукраински“ референдум.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да размисли за предавање на територија, но моделот на окупација би можел да биде механизам за постигнување прекин на огнот по три и пол години војна, објавува „Тајмс“.
Според овој модел, границите на Украина нема да се менуваат, исто како што границите на Западниот Брег не се менуваат 58 години, иако е под израелска контрола.
„Тоа би било исто како Израел да го окупира Западниот Брег. Со гувернер, со економија што оди во Русија, а не во Украина. Но, формално тоа сепак би била Украина, бидејќи Украина никогаш нема да се откаже од својот суверенитет. Но, реалноста е дека тоа би била окупирана територија, а моделот е Палестина“, рече изворот пред самитот на Трамп со Путин во Алјаска во петок.
За некои американски преговарачи, таков исход за окупираните територии на Украина само би ја одразил реалноста на војната и одбивањето на сите други држави директно да се вклучат во борбата против Русија, пишува весникот.
Според ова, сè што останува е да се утврдат точните граници на руската окупација, која Путин се обидува да ја прошири колку што е можно повеќе пред разговорите со Трамп во Алјаска.
Ова сценарио се вклопува со ставот што Себастијан Горка, виш директор на Трамп за борба против тероризмот, го изнесе во мај, објавува „Тајмс“.
„Живееме во реалниот свет. Администрацијата на Трамп живее во реалниот свет. Ние ја признаваме реалноста на терен. Тоа е првиот чекор, бидејќи не сме утописти или социјални инженери. Не веруваме во некои облаци од утопија“, изјави Горка за Политико.
Како што истакна, администрацијата ја признава реалноста на терен и има еден приоритет над сите други, без разлика дали станува збор за Блискиот Исток или Украина, а тоа е запирање на крвопролевањето, додека сè друго доаѓа потоа.