Тајфунот Рамасун, што вчера ги погоди Филипините, веќе однесе најмалку 10 жртви и доведе до евакуација на 370.000 лица.
Тајфунот ги затвори финансиските пазари, владините згради и училиштата во јужните делови од земјата.
Рамасун, што е првиот тајфун оваа година на Филипините, денеска од Манила премина на југ, соборувајќи по патот дрвја и електрични столбови и предизвикувајќи прекин во електричната енергија.
Штетите од тајфунот во главниот филипински град се минимални, но во јужниот град Батангас две лица починаа од струен удар. Повеќето од евакуираните се од источната провинција Албај, која го поднесе првиот удар на тајфунот.
Тајфунот не донесе дождови, туку само силен ветар.
Делови од Филипините се уште се обновуваат од штетите, предизвикани од супертајфунот Хајлан, што лани во ноември зеде над 6.100 жртви во централните региони на земјата и милиони луѓе остави без домови.