До крајот на 21.век светот ќе биде потопол за четири степени Целзиусови, што ќе предизвика катаклизмички промени, вклучувајќи бранови на екстремни горештини, се почести и посилни бури, покачување на морското ниво и недостиг на храна.
Црното сценарио, како единствено можно доколку светот не преземе итни мерки против глобалното затоплување, е прикажано во научното истражување кое за Светската банка го извршиле истражувачи од Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам.
Истражувањето носи нова анализа на најголемите влијанија и ризици од глобалното затоплување на човештвото, посебно врз земјите во развој. Тоа е објавено пред почетокот на Меѓувладиниот одбор за климатски промени во 2013/2014 година.
Светската банка предупредува дека глобалните промени, доколку се применуваат само постоечките мерки против глобалното затоплување, ќе бидат драстични.
Глобалното затоплување мора да се задржи во рамките на растот на температурата од најмногу два степена Целзиусови.
Во спротивно, доколку се реализираат споменатите предвидувања, во следните децении може да се очекува зголемување на морското ниво, екстремни горештини и временски непогоди, послабо производство на храна, изумирање на повеќе живи организми.