Синдикатот на работниците на подземната железница го суспендираше штрајкот во метрото во Сао Паоло,на само два дена пред почетокот на Светското првенство во фудбал и одигрувањето на првиот официјален натпревар на Мундијалот,токму во овој град.
Суспензијата уследи откако управата на јавната компанија која стопанисува со метрото,се согласи да ги обнови преговорите околу зголемувањето на платите на вработените.Управата понуди зголемување од 8,8 отсто,додека синдикатите инсистираат на 12,2 отсто повисоки плати.
Лидерот на синдикатите изјави дека тие не сакаат да го минираат Мундијалот и тврди дека сите го сакаат фудбалот и навиваат за триумф на Бразил,но се закани дека штрајкот ќе го обноват во четврток,на денот на почнувањето на СП,доколку не почнат ветените преговори.
Судот во Сао Паоло го прогласи штрајкот за незаконски и наложи сите вработени да се вратат на своите работни места.
Гувернерот на провинцијата се закани со откази за штрајкувачите, ако работниците не се вратат на работа,објаснувајќи дека нивниот протест е против одредбите на законот за штрајк,затоа што не се обезбедени „минимални услови“ за работа на метрото. Заканата од обнова на штрајкот ги загрижува организаторите на Мундијалот,затоа што метрото е витално за префрлање на навивачите до новиот фудбалски стадион во Сао Паоло,изграден на периферијата на овој најголем бразилски град.
Петдневниот штрајк предизвика хаос во градот кој и онака важи за еден од најзакрчените градови во светот.
Иако Бразил важи за фудбалска земја,едно истражување откри дека околу 60 отсто од Бразилците смета оти парите што се потрошени за организација на првенството, требало да се дадат за социјални потреби на населението.
Вчера дојде до силен судир меѓу полицијата и штрајкувачите,пред влезот во една од метро станиците во Сао Паоло,при што полицајците фрлаа солзавец и пипер-гас за да ги растурат најнасилните штрајкувачи. Претседателот на Бразил Дилма Русеф ги отфрли обвинувањата за тоа дека Мундијалот не му е потребен на Бразил и предупреди оти нема да се дозволи уличните насилства да го пореметат неговото одржување.