Управата на Суецкиот канал најави дека на 1 мај ќе воведе дополнителни давачки од 15 отсто за нафтените танкери,а веста денеска беше објавена на официјалната страница на администрацијата на каналот.
Согласно циркуларното писмо, Управат ана Суецкиот канал од 1 мај ќе наплаќа дополнителна такса од 15 отсто од вообичаената транзитна такса за минување на танкерите со нафта преку водниот пат во двата правци.
„Додатоците се привремена мерка и може да се прилагодат или укинат во зависност од пазарните услови во поморската индустрија“, се наведува во соопштението.
Претходно, администрацијата на каналот соопшти дека од 15 март ги укинува попустите за сите танкери за течен природен гас (LNG). До октомври минатата година попустот беше 25 отсто, по што оттогаш беше намален на 15 отсто.
На 28 февруари Управата на каналот соопшти дека ги зголемува таксите за премин на бродовите. Според шефот на одделот Осама Рабија, одлуката е донесена поради „значителниот раст на светската трговија, подобрената економија, развојот на водениот пат на Суецкиот канал и подобрените транзитни услуги“.
Зголемувањето на тарифите ќе влијае врз товарените и баластните бродови. Така, од 1 март цената за минување на нафтените танкери поскапе за 10 отсто, на носачите на гас (течен природен гас), на повеќенаменските и тешките бродови за седум отсто, а за сувотоварните бродови за пет отсто.
Во февруари, каналот ги зголеми тарифите за транзит за шест отсто за сите бродови, освен за крузерите и танкерите за течен природен гас.
Каналот ги одредува таксите врз основа на динамиката на меѓународниот поморски сообраќај. Со оглед на зголемената побарувачка за енергија во услови на санкции против Русија, цените на енергијата на светските пазари се зголемија, принудувајќи многу земји да бараат алтернативни извори на нафта и гас.
Суецкиот канал, што обезбедува 12 отсто од светската трговија и пет до 10 отсто од светските испораки на нафта, е главниот извор на приходи за Египет, генерирајќи повеќе од пет милијарди долари годишно во државната каса. Минатата година оваа стратешка артерија забележа историски годишен приход од 6,3 милијарди долари.
Извор: МИА