Бразилската полиција употреби солзавец и гумени куршуми за да растера група од стотина демонстрани, кои ја прекинаа парадата што се одржуваше во Рио де Женеиро по повод прославата на Денот на независноста на Бразил.
Демонстрантите, меѓу кои некои и со маски на лицето, дошле на местото на одржувањето на парадата во центарот на Рио и почнале да извикуваат антивладини пароли и ја прекинале парадата, по што се судриле со полицијата.
Бразилските медиуми јавија дека при судирите биле повредени пет лица кои се пренесени во болница, а десет демонстранти се уапсени.
При полициската интервенција настрадале и некои од луѓето кои дошле да ја гледаат парадата, а искршени се и прозорците на експозитура на една банка.
Протестот во Рио е само еден од повеќето протесни манифестации најавени за денекса во над сто градови ширум Бразил. Организатори на собирите се повеќе синдикати, студентски движења и анархистичи групи.
Демонстрантите бараат борба против корупцијата во власта и реформи на социјалниот систем.