Пред локалниот Парламент на Рио де Жанеиро синоќа дојде до судири меѓу демонстранти и полицијата, на крајот на протестот против зголемувањето на цените на градскиот транспорт и трошоците за Светското првенство во фудбал во 2014 година, на кое Бразил е домаќин.
Во Бразил во моментов се одвива Фудбалскиот куп на конфедерациите.
Група демонстранти фрлаа петарди по полицијата и запалија канти со ѓубре.
Околу 80 полицајци во зградата на локалниот парламент на Рио одговорија со солзавец и гумени куршуми.
Според полицијата, петмина полицајци биле ранети од демонстрантите.
Според податоци на полицијата, во Рио протестирале околу 100.000 лица.
Во главниот град Бразилија најмалку 200 демонстранти се качиле на покривот на националниот парламент. Според податоци на полицијата, во престолнината демонстрираат 5.000 лица.
Во Сао Паоло исто така се оддржаа демонстрации, на кои учествуваа околу 65.000 лица.
Во други големи бразилски градови, исто така, се одвиваат протести. Во целата земја демонстрираа вкупно над 200.000 лица.
Во Бело Хоризонте полицијата истрела солзавец против демонстрантите, за да ги спречи да се доближат до стадионот Минеирао, каде се играше фудбалскиот натпревар од Купот на конфедерациите меѓу Нигерија и Тахити.
Во другите градови полицијата одблиску ги следи протестите, без да ги задушува.
Протестите се организирани на социјалните мрежи и не се поврзани со политички сили.
Повеќето демонстранти се млади луѓе од средната класа.
Претседателката на Бразил Дилма Русеф изјави дека мирните демонстрации се законски и се дел од демократијата.
– За младите луѓе е нормално да демонстрираат, додаде Русеф во обид да ја смири ситуацијата.
Протестното движење во Бразил почна минатата недела против зголемувањето на цените на билетите за автобуси, возови и метрото во Сао Паоло, по што ги зафати и другите градови.