ДПА – Хамбург
Со наближувањето на Брегзит беспокојот е очигледен долж шпанското крајбрежје Коста дел Сол (154 км. долга крајбрежна линија во Јужна Шпанија), каде живеат приличен број Британци. Што ќе биде со економијата ако еден ден се наложи странците да си заминат?
Иако има уште две години, Виолета Арагон Кореа веќе е обземена од алармот за тоа што ќе се случи со секторот на недвижности во Малага, во Јужна Шпанија, кога Велика Британија ќе ја напушти Европската Унија.
– Британците, кои веќе долго време се нашите најдобри странски клиенти, купуваат се помалку имоти во Шпанија, по референдумот, раскажуваа таа имајќи го предвид гласањето од јуни 2016 година, за излегување на Обединетото Кралство од ЕУ.
– Посебно тука во Коста дел Сол вистински ги чувствуваме последиците, истакнува Кореа, која е генерален секретар на Асоцијацијата на градежници претприемачи (АРС) за провинцијата Малага.
Заедно со провинцијата Аликанте, Малага со своите 65,000 Британци – од вкупно 300,000 во цела Шпанија – е најголемиот центар во земјата на иселеници од Велика Британија.
И додека Британците се повеќе се тревожат за последиците од Брегзитот – било тоа да е ослабувањето на фунтата, медицинските лекувања, пензиите или пак вработувањата – локалните општини во западниот дел од Коста дел Сол исто силно ги чувствуваат последиците.
– Се откажуваат и резервации за купување на имоти, дополнува Арагон Кореа.
Засега има конкретни податоци само за Шпанија во целост. Нотарските актови и трговските регистри посочуваат дека британскиот дел од вкупните купувања на имоти од странци опаднал од 24 проценти во последното тримесечје во 2015, на 16,4 проценти во истиот период во 2016 година.
Во градот Михас, кој може да се пофали со најголемата британска заедница од 11,500 регистрирани Британци, градоначалникот Хуан Карлос Малдонадо предупреди на „земјотрес“ по гласањето за Брегзит.
Првите потреси веќе се чувствуваат – Британците не само што помалку купуваат имоти, туку се повеќе и ги продаваат. По минатогодишниот референдум за Брегзит, британските продажби на куќи и апартмани пораснала за 16,5 проценти, извести регионалната асоцијација на менаџери во секторот на имоти.
– Политичката и економската несигурност тера многу Британци кон чекори кои до неодамна беа сосема незамисливи – да си ги продаваат апартманите во Малага, коментира раководителот на браншовото здружение, Фернандо Пастор.
Во овој момент се изгледа непроменето. Околу 20 степени, „гири“ (како што локаните жители ги нарекуваат туристите), иселениците и емигрантите од богатите северноевропски земји – се шетаат по плажите и ги посетуваат баровите и рестораните.
Многу табли се испишани на англиски јазик: „Фиш енд чипс“, „Би-Би-Кју“ (скара), „Пајнт оф бир 1,40“ (половина литар пиво за 1,40 евра). На излогот на банката Каха Сур во гратчето Беналмадена, стои натписот „Драго ни е што ве запознавме“.
Но стравовите на локалните трговци веќе испливуваат на површината. Карло, 40-годишен сопственик на бар, вели: „Осумдесет проценти од клиентите ми се Британци, Брегзиот не ги плаши само нив, или пак брокерите на недвижни имоти, или пак сопствениците на ресторани. Го плаши секого, но најмногу трговците кои стравуваат за иднината“.
Таквите стравови се разбирливи, ако се има предвид дека во Коста дел Сол има десетици англискојазични училишта, лекарски ординации и адвокатски канцеларии, кои се издржуваат од бизниси со „гири“.
Весникот Сар, кој излегува на англиски јазик во Малага и има тираж од 50,000 примероци, е најголемиот весник на англиски јазик на европскиот континент. Целиот локален бизнис, било да се тоа пекари, погребни агенции или банки, се рекламира или комуницира на англиски јазик.
– Се плашам како сето тоа ќе се одрази на локалната економија, рече Малдонадо, градоначалникот на Михас. „Туризмот со апартмани е еден од најголемите извори на богатства во регионот“, дополни тој.
Досега традиционалниот туризам во Шпанија не почувствувал никакви непријатни ефекти. Дури и со ослабувањето на фунтата по Брегзитот, минатата година Британците кои патувале потрошиле рекордни 16,25 милијарди евра во Шпанија. Тоа е за 13 проценти повеќе отколку во 2015 година, и претставува 21 проценти од вкупните трошења на странски туристи во земјата за минатата година.
Но една британска зона – енклавата Гибралтар – е посебно вознемирена за иднината. Неодамна главниот министер на Гибралтар, Фабиан Пикардо, го посети Брисел за да се обиде да издејствува спогодба за британските граѓани кои живеат таму.
– Ситуацијата на Гибралтар е уникатна, посочи тој „Границата која и без тоа не е доволно пропустлива, така што луѓето да имаат полесен достап до своите работни места, по Брегзитот директно ќе ја изложи на ризик работата на 10,000 европски граѓани кои живеат во државата членка и работата на Гибралтар“, прецизира градоначалникот.
Во меѓувреме, Малдоналдо и градежните претприемачи од Малага го следат „планот Б“ – го рекламираат регионот на меѓународни претставувања за туризам и недвижни имоти низ светот. Арагон Кореа дополнува дека сега најмногу скандинавците се на позицијата како „замена за Британците“ во иднината на регионот.