Сепаратистичките групи во шпанскиот автономен регион Каталонија подгтовуваат интензивна политичка кампања во пресрет на референдумот за независност планиран за 9 ноември, но сепак постојат мали шанси каталонската Влада еднострано да прогласи независност во текот на оваа година, се наведува во анализа на американскиот институт „Стратфор“.
Сепак, тоа што каталонските власти нема да прогласат независност во текот на оваа година, според „Стратфор“, не значи дека прашањето ќе биде решено, бидејќи голем дел од жителите на Каталонија сметаат дека е потребна реформа на актуелниот политички систем во Шпанија, со што регионот би добил независност или многу поголема автономија.
Во Барселона денеска се одржува собир на прврзаниците на каталонската независност организиран по повод Националниот ден на Каталонија познат под името „Дијада“. Се очекува ова да биде најголемиот собир на каталонските сепаратисти досега и да претставува почеток на интензивните активности во пресрет на референдумот.
За шпанската Влада референдумот за независнот на Каталонија е противзаконски и таа најави дека нема да даде дозвола за негово одржување. Владата во Мадрид најави и дека ќе побара од шпансиот Уставен суд да се произнесе околу законитоста на референдумот и се очекува тој речиси сигурно да го прогласи за незаконски, наведува „Стратфор“.
Сепак каталонските сепаратисти сметаат дека референдумот за независност треба да се оддржи и доколку Уставниот суд го прогласи за незаконит. За таа цел каталонскиот Парламент неодамна усвои неколку закони со што постави законска рамка за одржување на референдумот.
Некои Каталонци меѓутоа сметаат дека властите во Барселона треба да се воздржат од организирање на референдумот за независност и наместо тоа да се свртат кон преговори со властите во Мадрид.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека мнозинството жители на Каталонија сметаат дека регионот има право самостојно да решава за својата иднина, но сепак се поделени по прашањето дали треба да се оддржи референдум доколку Уставниот суд го прогласи за незаконски.
Според истражувањето на Институтот „Метроскопија“, 45 проценти од Каталонците се против одржување на референдум доколку Уставниот суд оцени дека тој е незаконски, а само 23 отсто се на ставот дека плебисцитот треба да се спроведе по секоја цена. Една четвртина од Каталонците сметаат дека не треба да се одржува референдум и дека властите во Барселона треба да бараат решение преку други средства.
Дури и ако судирот меѓу Каталонците и властите во Мадрид привремено ги блокира тенденциите на Каталонија за независност, тие сепак во следните неколку години ќе предизвикаат криза на шпанскиот национален идентитет, заклучува американскиот институт во својата анализа.