Столтенберг: Ако Путин победи во војната, „другите авторитарни лидери ќе бидат охрабрени“ да употребат сила

Од:

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Букурешт изјави дека во долгорочен интерес на Алијансата е да ја поддржи Украина во нејзиниот отпор кон руската агресија и оти НАТО ќе биде на страната на земјата колку што ќе биде потребно.

Отворајќи го Форумот Аспен-ГМФ, Столтенберг рече дека пораката на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, кои ќе се состанат подоцна денеска во Букурешт, ќе биде дека „ќе стојат на страната на Украина сè додека е потребно и нема да отстапат“.

– Ова е клучно време за нашата безбедност, ќе испратиме јасна порака дека сме тука и оти сме подготвени да ја одбраниме територијата на секоја наша членка, рече Столтенберг на форумот што го организира романскиот огранок на Институтот Аспен и Германскиот Маршалов фонд (ГМФ) САД, со поддршка на НАТО.

Тој повтори дека ако рускиот лидер Владимир Путин победи во војната против Украина, „другите авторитарни лидери ќе бидат охрабрени“ да употребат сила за да ги постигнат своите цели и оти затоа е во долгорочен интерес на НАТО да ја поддржи Украина.

Столтенберг изрази уверување дека министрите за надворешни работи на членките на НАТО „ќе заземат став дека поддршката за Украина треба да се зголеми“.

Тој рече дека НАТО не ја дочекал руската инвазија врз Украина неподготвен и оти таа не била, бидејќи Алијансата се подготвува за таква можност уште од 2014 година.

Столтенберг исто така рече дека е „апсолутно неприфатливо и многу опасно“ прашањето за загрозување на правата на руските граѓани во источна Украина да се користи за инвазија на независна суверена земја.

Тој изјави дека Русија ја нападнала Украина, тврдејќи, меѓу другото, дека не сака војници на НАТО на нејзините граници и оти сега ги има значително повеќе отколку пред почетокот на инвазијата во февруари.

Тој повторно ги отфрли тврдењата дека проширувањето на НАТО кон исток е насочено против Русија.

– Проширувањето на НАТО се однесува на одлуките на суверените земји да се приклучат на алијансата. Тоа не беше провокација за Русија, туку слободната демократска волја на земјите што сакаа да влезат во НАТО, додаде тој.

Столтенберг рече и дека зголеменото присуство на Кина ширум светот претставува еден вид предизвик за НАТО.

– Ја гледаме Кина во Африка, на Арктикот, во кибер-просторот, во европските земји. Гледаме различни потези на Кина со цел да го зголеми своето присуство во Европа, вклучително и контрола врз важна инфраструктура, рече Столтенберг, наведувајќи дека треба да се земат предвид безбедносните последици од кинеските економски активности.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Мицкоски: Немавме никаква дилема да ја поддржиме Шекеринска, и се јавив уште вчера

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Малодушноста на ВМРО-ДПМНЕ блеска посилно од кога било

Шекеринска е нов заменик генерален секретар на НАТО

Катерина Ѓуровски

Русите го затворија Каспиското Море за НАТО

Руте: Војната во Украина е дел од глобалната борба за моќ меѓу САД и Кина