Првата министерка на Шкотска и лидерка на Шкотската национална партија (СНП), Никола Старџен изјави во Единбург дека одлуката на британската премиерка Тереза Меј за одржување предвремени избори во Велика Британија, претставува „огромна погрешна политичка процена“.
Според Старџен, одлуката на 8 јуни да се гласа за нов состав на Парламентот во Лондон, иако досега се отфрлаше таквата можност, е „голем пресврт“ во определбите за кои до пред извесно време се залагаше Меј, но дека ваквото решение е „убава можност за кампања против британските конзервативци и за афирмирање на одлуката за втор референдум за шкотската независност“.
– Одлуката за избори значи ставање на партиските интереси на Меј и на ториевците, пред интересите на државата, затоа што таа гледа шанса за успех за себе, поради хаотичната состојба во која се наоѓаат лабуристите. Со еден удар, таа ќе ја збрише конкуренцијата што сега ја има во Лабуристичката партија и на сите оние во нејзините партиски редови кои не се согласуваат со политиката што ја води, вели Страџен.
Лидерката на СНП смета дека на тој начин Меј ќе има одврзани раце за да ја одведе Велика Британија во десничарска насока, што како што тврди Старџен, е стратешка цел на актуелната британска премиерка.
– Тоа ќе значи не само определување за најтврдата варијанта за Брегзит, туку и уште повеќе кратење на јавната потрошувачка, штедење и намалување на социјалните фондови, како што тоа го заговара ториевската десница, изјави Старџен во интервју за Би-Би-Си- Скотланд.
Изборите што ќе се одржат за педесетина денови, за шкотската прва министерка, ќе значат можност да се потврди сегашната состојба во Шкотска, во која СНП е доминантна политичка сила и за да може „да се слушне шкотскиот глас“ и она што таа го бара.
Старџен инсистира дека не и е потребна претстојната кампања за британските избори за новиот референдум за независност, затоа што таа веќе има добиено мандат од Парламентот на Шкотска.
– Она што сега ќе го направиме преку избрната кампања е да обезбедиме случај, според кој Шкотска мора самата да ја определи сопствената иднина, сега кога Британија се определи да ја напушти ЕУ, рече Старџен во Единбург.
Нејзината изјава доаѓа во време кога Тереза Меј се обвинува за дволичност – прво не прифати референдум во Шкотска, тврдејќи дека „сега не е време за тоа“, а потоа објави дека ќе организира избори, како дел од нејзината политичка игра за зацврстување на сопствените позиции наспроти сите кои не мислат како неа за Брегзит.