Индекс – Загреб
Не стивнуваат реакциите на повлекувањето на водачот на Малтешките витези Метју Фестинг од позицијата и тоа по жестоките расправии со Ватикан.
Интересна анализа за односите на силите во Ватикан за Гардијан напиша новинарката Џоана Морхед, а нејзините делови можете да ги прочитате во продолжение:
Насловните страни на медиумите во светот оваа недела беа полни со вакви и слични наслови: – Папата Франциско во судир околу кондомите. Но расправијата нема врска со кондомите, туку е само искра за расправија која е поважна од добрите и лошите страни на контрацепцијата, тема со која Католичката црква лошо се справува веќе 50 години.
Вистинскиот проблем во расправата која резултираше со смена на британскиот водач на Малтешките витези е најважното прашање во католичката црква – кој е вистинскиот начин за претставување на Христовото учење во денешниот свет?
На една страна се наоѓа сега веќе поранешниот шеф на Редот на малтешките витези Метју Фестинг, кој ја претставува старомодната Католичка црква, во која правилата се донесувале на врвот, а потоа се применувале и на тие на дното. Неговата омилена Црква била таа од 50-тите години, пред либерализмот во 1960-тите години. Што се однесува до него, Црквата е непроменлива институција чии членови остануваат во брак до смрт и ако сакаат да го ограничат своето семејство мора да користат само природни методи на контрацепција.
На друга страна е човекот кој стана рок ѕвезда во глобалната политика, папата Франциско. Целиот свет го сака, но неговите непријатели се кријат токму внатре во неговата Црква.
Бурке со Фестинг
„Еден од таквите е американскиот кардинал Рејмонд Лео Бурке, кој го поддржува Фестинг и стана фокус на тие католици кои папата Франциск ого гледаат како неподнослив либерал”.
Минатата година папата Франциско објави документ Amoris Laetitia, во кој се остава отворено прашањето дали може разведен човек и повторно оженет католик да прими света причест. Папата со тоа сакал да каже – луѓе, бидете реални. Луѓето постојано се разведуваат и повторно се женат, не е секој католик кој ќе се разведе и повторно ќе се ожени, инкарнација на Сатаната. Да го оставиме прашањето за причест на нив откако ќе поразговараат со својот свештеник или бискуп.
За повеќето од нас тоа е само здрав разум, но за Бурке и Фестинг тоа е ерес. За нив тоа е кршење на правилата кои едноставно не смеат да се кршат. На барање на Бурке, папата да го објасни својот потег, тој само го игнорирал, што Бурке уште повеќе го налутило. Мислел да се здружи со Фестинг, но папата наскоро го сменил.
Веројатни се нови потреси
„Ватикан е легло на скандали и расправии, но Франциско Католичката црква ја промени на еден многу темелен начин. Затоа луѓето како Фестинг и Бурке се упорни и сакаат да го спречат. Франциско го замени традиционалниот католицизам, поврзан со правила, со нешто што би можеле да го наречеме инстиктивно христијанство.
Папата не го интересираат правилата, туку следење на пат за кој смета дека можеби Исус тргнал по него. Разводот, повторниот брак и контрацепцијата не го држат буден со ноќи. Тоа го прави Трамп, бегалската криза и војната во Сирија. Затоа светот го сака и затоа е толку опасен за стариот поредок на Католичката црква.
Наскоро би можело да дојде до уште потреси во Италија и тоа не само од геолошки вид” – заклучува Морхед за Гардијан.