Дваесет и пет од секои сто брачни парови во Египет се разведуваат, соопшти министерот за социјална солидарност Невин ал-Кабаг, пренесува веб страната „Иџипшн стритс“.
На состанокот со парламентарната комисија за социјална солидарност, Кабаг истакна дека уделот на разводите е најголем меѓу партнерите на возраст меѓу 20 и 30 години.
Бројот на разводи во 2021 година достигна 254.777 – 14,7 отсто повеќе отколку во 2020 година, кога изнесуваше 222.036, покажуваат податоците на египетската Централна агенција за јавна мобилизација и статистика. За споредба, браковите лани пораснале за само половина процент во однос на претходната година.
Во соработка со авторитетниот муслимански универзитет Ал-Азхар и Коптската православна црква, египетското Министерство за социјална солидарност прави напори да го намали бројот на разводи во северноафриканската земја. Еден од чекорите во оваа насока е програма за популаризирање меѓу младите на вредноста и важноста на бракот.
Извор: МИА