Портпаролот за надворешна политика на ЕУ, Петер Стано, објасни дека целта на санкциите не е целосно да се запре комуникацијата со Кремљ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Од последните извештаи за масакрите во Буча и други украински градови за време на руската окупација, Европската Унија ќе разговара за нов пакет санкции, но смета дека треба и да постојат канали на комуникација со врвот во Кремљ.
-Санкциите не значат прекин на комуникацијата, дијалогот е приоритет, а Путин е изворот на проблемот, и треба да можеме да комуницираме за да го решиме проблемот, комуникацијата се одвива преку разни лидери, рече попладнево Петер Стано.
Што се однесува до можни нови санкции во областа на енергијата, од Европската Комисија не сакаа да коментираат денеска.
-Процесот на санкции е доверлив, потсети Стано.
Повеќе ЕУ лидери меѓутоа веќе јавно се изјаснија за санкции во некои енергетски области, пред сѐ јагленот и нафтата. Гасот останува чувствителна тема со оглед на тоа дека бројни земји членки се сѐ уште многу зависни од рускиот гас. Германија е една од главните земји кои не прифаќаат санкции во овој дел.
Земјите членки од источна Европа пак бараат многу поостри санкции, вклучително и за рускиот гас.
Извор: МИА