Специјалниот американски пратеник за Авганистан вчера во Доха се сретна со шефот на дипломатијата на талибанската влада и потсети дека меѓународната заедница се противи на строгите забрани за жените.
„Девојките треба да одат на училиште, жените треба да имаат слобода на движење и слободно да работат за да постигнат напредок кон нормализирање на врските со непризнатата талибанска влада“, напиша на Твитер американскиот специјален пратеник за Авганистан Томас Вест по средбата со талибанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки.
Двајцата дипломати разговарале и за стабилизацијата на авганистанската економија и за опасноста од напад.
„Продолжува дијалогот заради поддршката на авганистанското население и нашите национални интереси“, додаде Вест.
Кога талибанците ја презедоа власта по повлекувањето на американските сили во август, тие ветија „помек“ режим отколку во првата влада помеѓу 1996 и 2001 година. Но, во последните месеци тие повторно почнаа да ја задушуваат критиката и да воведуваат строги забрани за жените.
Извор: МИА