Безбедноста во Европа, ситуацијата во Источна Европа и во Источниот Медитеран, како и билатералните односи, според грчкото МНР, се очекува да бидат во фокусот на разговори на утрешната средба во Москва меѓу министрите за надворешни работи на Грција и на Русија, Никос Дендиас и Сергеј Лавров, јави дописничката на МИА од Атина.
За средбата Лавров- Дендиас, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во изјавата пред почетокот на Самитот ЕУ- Африка истакна дека министерот за надворешни работи на Грција „ќе ги повтори позициите на земјата, кои се и позиции на сите земји-членки на Европската унијата“, но и истакна дека е голем интересот на Грција за случувањата во конкретниот регион, бидејќи во Украина живеат десетици илјади луѓе со грчко потекло.
Ова е трета посета на Дендиас на Русија во изминатите две години, а портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на брифинг со новинарите минатата седмица рече дека на средбата ќе се разгледаат низа теми поврзани со билатералните односи, но и регионални прашања и истакна дека Грција е земја членка на НАТО и Европската Унија, но нејзиниот став е дека особено важно е одржувањето канали на комуникација со сите соговорници, додавајќи дека Русија ја сметаат „за клучен и составен дел на европската безбедносна архитектура“.
Извор: МИА