Специјалната комисија на бразилскиот Парламент препорача отстранување од должноста на левичарскиот претседател на Бразил, Дилма Русеф, пренесуваат француските медиуми.
Специјалната комисија за импичмент за непопуларната претседателка, во чија работа учествуваа 65 пратеници, со мнозинство гласови одобри незадолжителен извештај со кој на пратениците во Парламентот им се препорачува да гласаат за поддршка на процедурата за отстранување на Русеф од должноста.
Согласно бразилското законодавство, решението на комисијата треба да се разгледа на пленарна седница на Долниот дом на Парламентот. Нејзиниот извештај во петок на пратениците ќе им биде предаден на разгледување. Доколку Домот на пратениците ја одобри препораката со две третини од гласовите (342 од 513) на 17 или 18 април, процедурата за отстранување од должноста ќе биде разгледана во Сенатот, што ќе го има последниот збор.
По бурна 11-часовна дебата, придружена од мноштво навреди и напади, 38 пратеници од комисијата гласаа за продолжување на процедурата за импичмент, наспроти 27 „против“.
Опозицијата ја обвинува 68-годишната претседателка за манипулации со федералниот буџет и тоа во 2014 година, годината на нејзиниот реизбор, и во 2015 година, со кои сакала привидно да се намали размерот на државниот дефицит во текот на разгорувањето на рецесијата во земјата.
Илјадници Бразилци синоќа излегоа по улиците на Рио де Жанеиро, за да протестираат против импичментот на Русеф и да и ја изразат својата поддршка, пренесе ТАСС. Акцијата мина под наслов „Не на државниот преврат“, како што приврзаниците на Русеф ја оценуваат оваа иницијатива за нејзино отрстранување од должноста.
Во протестот учествуваа поранешниот бразилски претседател Луиз Инасио Лула да Силва, а, исто така, и многу бразилски артисти и интелектуалци. Според организаторите на настанот, во протестот се вклучиле меѓу 35.000 и 50.000 лица.