Приближно 300 нелегални емигранти се спасени изминатата ноќ крај брегот на италијански остров Сицилија, пренесе ДПА, повикувајќи се на локалните власти.
Крајбрежната стража во гумен чамец открила 95 лица од Еритреја, Сомалија и Мали, меѓу кои и бремена жена и бебе.
Италијанските военопоморски сили во друга операција пресретнаа бротче со 195 нелегални имигранти. Од откриените илегалци дури 17 имале потреба од медицинска помош и веднаш биле префрлени на островот Лампедуза, додека останатите биле испратени во Катанија и Сицилија.
Со овие фатени илегалци, вкупниот број нелегални емигранти, кои од почетокот на месецот пристигнаа во Италија, надмина 9.000.
Десетици илјади лица од Африка, Блискиот исток и други места, кои бегаат од сиромаштијата и прогоните, секоја година во текот на летото се обидуваат да стигнат до брегот на јужна Европа. Многу од нив го ризикуваат својот живот, користејќи небезбедни пловни објекти, па инцидентите со смртни последици се честа појава.