Петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН не постигнаа договор на вчерашната затворена седница по предлог-резолуцијата на Велика Британија, со која би се дозволила воена интервенција врз Сирија.
Доколку документот биде ставен на гласање, Русија и Кина речиси сигурно ќе стават вето.
Овие две земји и претходно ги блокираа обидите за санкционирање на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
– Не гледаме напредок имајќи го предвид постојаното спротивставување на Русија на секоја значајна акција на Советот за безбедност, изјави заменик портпаролот на Стејт департментот Мери Харф.
Таа додаде дека акциите на Русија, кој е главен снабдувач на Сирија со оружје, вклучувајќи го и ветото на трите претходни резолуции против сирискиот режим, доведуваат во прашање дали СБ е вистинското место за да се реши двегодишниот конфликт во Сирија.
Истовремено, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Велика Британија, која ја поднесе предлог-резолуцијата, не треба да го разгледува овој документ како одговор на наводната употреба на хемиско оружје во Сирија пред инспекторите на ОН да ја извршат истрагата на терен.
Претставниците на Русија и Кина вчера ја напуштија седницата на Советот откако американската претставничка Саманта Пауер повикала на „итна интервенција“ против Сирија.
По повеќечасовниот состанок на амбасадорите во седиштето на ОН, предлог-резолуцијата им е вратен на владите на нивните земји на консултации, изјави неименуван западен дипломат.