Советот за безбедност на Обединетите нации денеска не ја усвои американската нацрт-резолуција за прекин на огнот во Газа.
За резолуцијата гласаа 11 членки на Советот за безбедност, а Русија, Кина и Алжир беа против, а Гвајана беше воздржана.
Русија и Кина ставија вето на американската нацрт-резолуција која го поврзува сегашниот прекин на огнот во Газа со ослободувањето на заложниците кои ги држеше Хамас, пишува Би-Би-Си.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас Гринфилд по гласањето изјави дека Русија и Кина не сакале да гласаат за американската резолуција само за да видат дека САД пропаѓаат.
„Русија уште еднаш ја стави политиката над напредокот“, рече таа, пренесе Би-Би-Си.
Во американската нацрт-резолуција се наведува дека „императив е итен и траен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас во Газа“ со цел да се заштитат цивилите и да се овозможи доставување хуманитарна помош до повеќе од два милиони прегладнети Палестинци.