Советот на Европа ги пофали напорите на Грција во борбата против расизмот, истакнувајќи дека се уште постои „загрижувачко ниво на ксенофобија и насилство“ кон мигрантите и малцинствата, се наведува во извештајот што денеска беше објавен.
Меѓунардоната советодавна група, со седиште во Стразбур, ја поздраци Грција за тоа што во 2012 и 2013 година воведе специјални полициски единици и обвинители за борба против расизмот.
Во извештајот, меѓутоа, се додава дека „јавниот и политички дискурс широко е испреплетен со говор на омраза против мигрантите, бегалците и барателите на азил, кои често стануваат цели на расистичко насилство“.
Советот на Европа ги поздрави напорите на грчката Влада да се пресмета со припадниците на екстремно десничарската партија „Златна зора“, чие раководство е уапсено во септември 2013 година, како и за воведувањето на новите закони со кои се ограничува јавното финансирање на партиите обвинети дека се „криминални организаци“.
И натаму, меѓутоа, постои „широко распространето неказнување на говорот на омраза“ против мигрантите, Ромите, Евреите и муслиманите, со „негативен став на припадниците на полицијата кон мигрантите и нивната неподготвеност да ги истражат случаите на расистичко насилство“, се наведува во извештајот.
Во Грција во текот на изминатата декада беше забележен раст на расистичките напади бидејќи економскиот колапс на државата се поклопи со приливот на голем број мигранти.