Советот на Европа изрази загриженост поради „ризиците“ кои можат да произлезат од административните претреси и мерките на домашен притвор, што стапија на сила со воведувањето на вонредната состојба во Франција, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Вонредната состојба во Франција беше воведена веднаш по нападите во Париз на 13 ноември, потврдена потоа од страна на Парламентот, а според најавите на владата таа наскоро ќе биде продолжена за уште три месеци.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд во писмо испратено до претседателот на Франција, Франсоа Оланд, посочува на „ризиците кои можат да проилезат од надлежностите што му беа дадени на извршните власти“ за време на вонредната состојба, посебно во делот на административните претреси и мерките на домашен притвор.
На 24 ноември, пред вонредната состојба да биде продолжена прв пат, Франција испрати писмо до Советот на Европа со кое го предупреди дека се подготвува да се изземе од обврските кои призлегуваат од Европската конвенција за човекови права. Таа најверојатно повтроно ќе го направи истото, бидејќи како што најави минатиот викенд француксиот премире Мануел Валс, вонредната состојба се планира да биде продолжена по 26 февруари.
Јагланд е исто така загрижен и за уставните реформи кои ги подготвува Франција, посебно „одредбите за користењето на огнено оружје од силите на редот и ограничувањата на слободата за движење“.
Советот на Европа притоа вели дека е „подготвен да и пружи помош“ на Франција, ако францускиот претседател смета дека тоа е „корисно“, со цел најавените реформи да „бидат во согласност со европските норми во областа на човековите права“.
Во текот на денешниот ден, Државниот совет на Франција ќе треба да го разгледа барањето на Лигата за човекови права за делумно или целосно укинување на вонредната состојба.