Социјалдемократската партија (ПСД) победи на вчерашните парламентарни избори во Романија со освоени 45,95 проценти од гласовите и 132 пратенички места во 308-члениот долен дом на Парламнетот, соопшти рано изутринава романската Централна изброна комисија,
Според резултате од околу 98 проценти преброени гласачки ливчиња, на второто место се пласира десноцентристичката Национална либерална партија (ПНЛ) со 18,89 отсто од гласовите и освоени 45 пратеници, пред либералната еколошка Унија за спас на Романија (УСР) со 8,43 проценти од гласовте и 14 пратеници.
Места во Парламентот обезбедија и Демократската унија на Унгарците во Романија (УДМР) со освоени 6,32 отсто од гласовите и 16 пратеници и Алијансата на либералите и демократите (АЛДЕ) со 5,63 проценти и три пратеници, а можно е пратенички мандати да добие и Партијата на народното движење (ПМП) на поранешниот романски претседател Трајан Басеску, кој е на границата од пет проценти освоени гласови.
По објавувањето на првичните изборни резултати, лидерот на ПСД, Ливиу Драгнеа најави дека неговата партија ќе започне преговори за формирање парламентарно мнозинство со својот долгогодишен сојузник АЛДЕ.
– Во следните денови ПСД и АЛДЕ ќе започнат преговори за формирање ново мнозинство во Парламнетот. Денешното гласање јасно го покажа изборот на Романците за идната Влада, изјави Драгнеа.
Како што јави ДПА, сепак засега е нејасно дали ПСД ќе го предложи својот лидер за нов премиер, имајќи пред вид дека нему претходно му е изречена условна казна поради изборни манипулации.
Агенцијата посочува дека партијата може да се реши за мандатар да го номинира Василе Данку, чие име не е поврзано со ниту еден од корупциските скандали во кои се инволвирани истакнати политичари, што ја потресуваат Романија.
Конечните резултати од изборите се очекува Централната изборна комисија да ги објави во текот на денешниот ден.