Чешкиот премиер Бохуслав Соботка сака да се задржи сегашната форма на европските санкции кон Русија, додека не се постигне напредок во решавање на конфликтот во источна Украина, јави дописникот на МИА од Прага.
Соботка смета дека доколку на денешниот Самит на Европската унија биде предложено заострување на санкциите кон Русија, тој нема да ги поддржи, бидејќи нема на располагање анализа за влијанието на дополнителни мерки.
Соботка оцени дека воведувањето на санкциите не е едноставно за Чешка со оглед на негативното влијание врз економијата, но истовремено сака ЕУ да има единствен став и кон Русија и кон Украина.
– Јасно е дека санкциите мора и натаму да се поврзани со исполнувањето на Договорот од Минск, истакна Соботка.
Тој додаде дека намалување на санкциите или нивно целосно укинување може да се замисли само во случај на значителен напредок во исполнувањето на договорот, кој би обезбедил крај на конфликтот во Украина.