Употребата на евтини дронови од страна на Иран ги става САД и нивните сојузници во економска неповолна положба, бидејќи ги осиромашува нивните залихи од скапи ракети, објави „Њујорк тајмс“.
„Дефинитивно е поскапо да се собори дрон отколку да се лансира. Тоа е игра на пари. Односот цена-по-удар, цена-по-пресретнување е во најдобар случај 10 спрема еден. Но, може да биде повеќе како 60 или 70 спрема еден во однос на трошоците, во корист на Иран“, весникот го цитираше Артур Ериксон, извршен директор и ко-основач на производителот на дронови „Хилио“.
Во овој контекст, весникот забележа растечки стравувања дека Вашингтон и неговите партнери ќе останат без пресретнувачки ракети потребни за одбрана на регионот. Експертите прават паралели со ситуацијата во Украина, каде што сојузниците не беа во можност да обезбедат доволно капацитети за воздушна одбрана.
Според извештајот на Центарот за стратешки и меѓународни студии, цитиран од „Њујорк тајмс“, САД неодамна купиле пресретнувачи во мали количини – стотици, а не илјадници. И покрај потпишувањето нови договори, ќе бидат потребни години фабриките да ја задоволат зголемената побарувачка во услови на активен конфликт.
