Ледени дождови и обилни снежни врнежи во изминатото деноноќие во канадската провинција Квебек, оставија без електрична енергија 160.000 домаќинства, јави телевизијата Си-Би-Ес, пренесува ТАСС.
Најтешко погодени се источните и југозападни региони на провинцијата, особено Монтреал и околината, соопшти компанијата Електро-дистрибуција Квебек. Мобилизирани се 160 сервисни екипи, кои работат на оспособување на електро-дистрибутивната мрежа.
Националната метеоролошка служба на Канада најавува нови 30 сантиметри снежни врнежи во овие региони на Квебек. Во северниот дел на провинцијата се очекува и екстремен студ во текот на ноќта до минус 48 степени Целзиусови.
Студена ноќ се очекува и во Централна Канада, во провинциите Саскачеван, Манитоба, Алберта и дел од Онтарио, каде температурите ќе паднат до минус 40-45 степени, најавуваат синоптичарите. Во најисточните региони Њуфаундленд и Лабрадор се најавува заладување до минус 25-35 степени, проследено со обилни снежни врнежи и урагански ветрови, со брзина до 120 километри на час.