Битката за излегување на Велика Британија од ЕУ одново продолжува пред лондонскиот Виш суд, но и пред европските правосудни органи, со најавите за три нови правни спорови околу постапката за Брегзит, јави британската телевизија Скај.
Едниот судски процес се однесува на тоа дали пратениците во Парламентот треба да гласаат за членството на Велика Британија во Европскиот економски простор (ЕЕА), со што на земја која не е членка на ЕУ и се овозможува да има слободни трговски односи со државите од Унијата, како и слободен пристап до заедничкиот европски пазар.
Ваков статус во Европа сега имаат Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.
Директорот на лондонската тинк-танк група „Бритиш инфлуенс“, Питер Вајлдинг за „Скај“ тврди дека Британците на референдумот се определиле за „враќање на сувереноста“ на Парламентот во Лондон, односно за враќање на овластувањата што сега делумно им се префрлени на ЕУ и Европската комисија.
– По одлуката на Врховниот суд дека пратениците и Парламентот мора да ги знаат и да ги одобрат позициите на Владата во преговорте (за Брегзит), се отвора потребата да се расправа и гласа и за тоа дали земјата да излезе од заедничкиот пазар, за што се определи Владата, вели Вајлдинг.
Вториот случај, што е најавено ќе биде покренет, се нарекува „даблински“ затоа што прв пат е споменат во главниот град на Ирска и се однесува на толкувањето и примената на одредбите од членот 50 од Лисабонската спогодба.
Намерата на правниот тим, што го покренува овој случај е за него да се расправа пред европското судство, па затоа и се покренува во Даблин, во земја која е членка на ЕУ.
Претставникот на правниот тим Џолијан Моган смета дека мора да се утврди што би се случило доколку Велика Британија во текот на постапката за излегување од ЕУ, се предомисли и одлучи да остане во Унијата.
Според Моган, британката, но и европската јавност мора да знаат дали во тој случај, земјата која го покренала членот 50 за излегување од ЕУ, може да дејствува како ништо да не се случило претходно.
Според „Скај“, овој случај ќе се најде пред Европскиот суд за правдата во текот на следниот месец.
Третиот правен случај поврзан за Брегзит го покренуваат Британците кои живеат надвор од Велика Британија, во некоја од земјите членки на ЕУ.
Овие Британци, владата во Лондон ги оквалификува како „експатријанци“, додека државјаните на ЕУ по референдумот ги третира како „мигранти“.
Иселените Британци во некоја од земјите на ЕУ сметаат дека нивниот иден статус не е политичко или економско прашање, туку хуманитарно, затоа што се однесува на животите на луѓето и на двете страни.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер по тој повод изјави дека Брисел нема да преговара за што и да е, се додека Велика Британија не го покрене членот 50 и не почне со формалната постапка за повлекување од ЕУ.