Командантот на сириските бунтовнички сили, генерал Селман Идриз за Би-Би-Си изјави дека неговите борци „се подготвени да се борат со Хезболах и на територијата на Либан“.
Ваквата закана Идриз ја оправдува со, како што вели, „инвазијата на силите на Хезболх врз Либан, а сега и врз Сирија, без притоа никој да не се обиде да го запре“. Тој тврди дека единици на Хезболахсе борат во реонот на Кусаир и Идлиб, како и во Алепо и околината на Дамаск.
– На командантите им наложив да се борат со Хезболах на сириска територија, но ако либанските власти не направат ништо, тогаш ние ќе се пресметаме со овие сили, предупредува Идриз.
Генералот во разговорот за британската јавна медиумска компанија, ги отфрла како неточни оценките на независни воени експерти и на дел од репортерите од теренот, дека неговите сили ја губат војната и покрај тоа што неговите сили се принудени да се повлекуваат на повеќе сектори.
Селман Идриз вели дека неговите бунтовници нема да прифатат каква било улога на актуелнот претседател Башар ал Асад во поствоена Сирија.
– Ако цената на мирот е Башар да остане и натаму на власт, ние немаме потреба од таков мир, изјави за Би-Би-Си командантот на сириските бунтовници.
Разговорот со Идриз е направен пред падот на стратегискиот град Кусаир кој од утринава е поврорно под кнтрола на владините сили. Градот се наоѓа на важниот патен правец од Дамаск кон пристаништето Тартус што се означува како „вратата“ кон центарот на сириските Алевити од кои потекнува претседателот Асад. Во околината на Кусаир живеат припадници на либанските Шиити.