Армиските сили на Сирија успеаа по тешки борби да одблокираат пат од големо значење што ги поврзува централните делови на државата со северната провинција Алепо.
Државни медиуми и активисти од Сирискиот центар за човекови права соопштија дека од минатата ноќ отворен е за движење патот кој од август беше блокиран од тешки борби меѓу владините сили и бунтовниците.
Пред околу една недела владините сили го заземаа стратешкиот град Ханасер близу до патот.
Во изминатите неколку дена тие навлегоа во неколку околни села. Според сириските медиуми, владините сили ја пробиле блокадата која спречуваше испораки до провинцискиот главен град Алепо, најголем град во Сирија. Владините сили и бунтовниците се во постојани борби за контрола над Алепо од јули.